Триглав Осигурување Живот АД Скопје, дел од Групацијата Триглав, воспостави партнерство со Women on Boards Adria (WOBA) со цел да го зголеми учеството на жени на лидерски и раководни позиции во осигурителната индустрија во Северна Македонија.
Иницијативата доаѓа во време кога жените сочинуваат повеќе од половина од вработените во Групацијата Триглав и над 40 проценти од прво и второ ниво на менаџмент. Во највисоките раководни органи, жените учествуваат со 25 проценти во Надзорниот одбор и 20 проценти во Управниот одбор – што покажува континуиран напредок и јасна посветеност на политиката на разновидност на Групацијата, чија цел е 33-процентна застапеност на помалку застапениот пол во управувачките структури.
„Соработката со Women on Boards Adria претставува можност да изградиме поинклузивна бизнис заедница и да размениме вредни искуства што целосно се усогласени со мисијата на оваа инспиративна иницијатива“, изјави Христина Џамбазовска Анастасов, Генерален Директор и Извршен член на Одбор на Директори на Триглав Осигурување Живот АД Скопје.
Таа додаде дека инклузивноста не е само политичка определба, туку фактор што влијае врз резултатите.
„Во Триглав Осигурување Живот АД Скопје, како и во целата Групација Триглав, веруваме дека жените – со своите вештини, визија и лидерство – имаат клучна улога во донесување на стратешки одлуки и создавање на одржлив развој. Со ова партнерство сакаме да отвориме нови перспективи за жените во менаџерските структури и да покажеме дека вистинската сила на една организација лежи во разновидноста на талентите, гледиштата и идеите“, истакна Џамбазовска Анастасов.
Соработката со Women on Boards Adria ќе се фокусира на програми за подготвеност за членство во одбори, менторство во лидерството и професионални мрежи за жени во осигурување и финансии. Иницијативата има за цел и да ја зголеми свесноста за деловните и управувачките придобивки од родово балансирано лидерство – тема што станува сè порелевантна во услови на комплексни економски и општествени предизвици.
„Осигурувањето е начин на управување со ризици и градење доверба – а и двете се посилни кога лидерството е разновидно“, рече Билјана Брејтвејт, претседателка на Women on Boards Adria.
Таа нагласи дека партнерството се надоврзува на досегашниот напредок на Триглав и поставува нов стандард за регионот.
„Триглав веќе направи значаен чекор напред, а со ова партнерство сакаме да преземеме чекор плус : да подготвиме повеќе жени за членство во управни одбори и да покажеме дека родовата рамнотежа не е само прашање на правичност, туку суштински елемент на добро управување и долгорочна стабилност, во секторот и пошироко“, додаде Брејтвејт.
Равноправноста и инклузивноста се основни столбови на работењето на Триглав. Компанијата верува дека разновидноста поттикнува иновации и раст, обезбедувајќи еднаков пристап до можности за сите вработени – без разлика на пол, потекло или уверувања. Преку поддршка на ваква организациска култура, Триглав Осигурување Живот АД Скопје има за цел да остварува резултати, но и да инспирира позитивни промени во пошироката заедница.
Women on Boards Adria е регионална иницијатива посветена на зголемување на бројот на жени на извршни и управни позиции низ Југоисточна Европа. Преку обуки, менторство, истражувања и застапување, WOBA соработува со водечки компании и институции за создавање поразновидни и посилни лидерски кадри кои ја одразуваат реалната слика на талентот во регионот.
Повеќе информации за Women on Boards Adria можете да најдете на официјалната веб-страница.