Убиството на лидерот на Ал Каеда Ајман ал Завахири е најголемиот удар што го претрпе терористичката организација по убиството на Осама бин Ладен во 2011 година. Според очекувањата, има тројца кандидати за нов лидер.
Еден од поверојатните кандидати е Саид ал-Адел, поранешен припадник на египетските специјални сили и висок припадник на организацијата. САД понудија награда од 10 милиони долари за информации за него.
Ал Адел беше осомничен за вмешаност во атентатот на египетскиот претседател Анвар Садат во 1981 година, а го напушти Египет во 1988 година за да се приклучи на борбата против Советскиот Сојуз во Авганистан, јавува Франс 24.
Тој беше вклучен во планирањето напади врз амбасадите на САД во Најроби и Дар ес Салам, и формираше центри за обука во Судан, Пакистан и Авганистан.
По убиството на Осама бин Ладен, тој беше задолжен да ја води организацијата додека не се избере нов лидер.
Јазид Мебарек, познат како Абу Убајдах Јусуф ал-Анаби, е лидер на Исламскиот Магреб од 2020 година. Неговиот претходник на таа позиција беше убиен од француските сили.
Тој претходно водеше медиумски операции за Ал Каеда во исламскиот Магреб и во 2013 година повика на напади врз француските интереси откако Париз испрати војници да го задушат бунтот во Мали.
Мебарек има 53 години и е ветеран од граѓанската војна во Алжир. Сепак, како што пренесуваат агенциите, негов проблем би можело да биде тоа што организацијата што ја води моментално го губи теренот пред новите групи кои се појавија во регионот на Сахел, како и недостатокот на харизма.
Абд Ал Рахман Ал-Магреби има мароканско потекло и пред да отпатува во Авганистан каде го предводеше медиумското крило на Ал Каеда, студирал софтверско програмирање во Германија.
Тој е оженет со ќерката на убиениот лидер на Ал Каеда Завахири, а документите откриени за време на убиството на Осама бин Ладен открија дека тој бил една од надежите на организацијата. Тој ја извршуваше и функцијата генерален менаџер во Авганистан и Пакистан, пренесува Франс 24.