Министерката за образование и наука, Мила Царовска во своето гостуваање на вестите на „Сител Телевизија” вели дека со најновиот закон кој го донесе Собранието, се предвидува да нема повеќе печатени учебници за учениците, освен за оние од прво до трето одделение.
„Новата концепција за образование предвидува и современ вид на учебници. За нас е важно со новиот Закон за образование да обезбедиме избор, така што учениците од прво до трето одделение да имаат печатени учебници, за да развијат однос кон книгата, а пак оние постарите, тие и онака веќе се приспособуваат со користење на дигиталните алатки, тие живеат и растат со дигиталните алатки, но ги насочуваме да ги користат во корисни работи” – вели Царовска
Таа исто така истакна дека светот уште во 2011 година се адаптираше на користење на дигиталните алатки како учебници, како пример од развиените земји ја посочи Канада, а од регионот платформата за електронски учебници ја имплементирала Хрватска.
Во однос на учениците кои немаат електронски уреди, Царовска вели дека законот го зема и тоа предвид и предвидува решенија.
-Секаде каде што имаме можност користиме дигитални учебници. За учениците коишто немаат уреди електронски училиштето има обврска да ги испечати учебниците и да им ги даде, затоа што сега веќе не се заштитени авторските права па да морате од купен учебник да учите, го добивате учебникот во електронска верзија, но тој може во училиштето да биде испечатен и да биде дистрибуиран до учениците и родителите коишто имаат потреба од тоа. За сите ученици коишто немаат дигитални уреди училиштето има обврска да обезбеди библиотечен фонд на таблети на коишто ќе бидат поставени учебниците за да можат да ги добијат учениците на реверс да ги користат и секако да се враќаат и понатаму да се даваат на нови ученици, вели министерката за образование.
Процесот на реформа на образованието рече се спроведува со поддршка на Светска банка која одлучи да ја поддржи нашата држава во креирање на современо основно образование како база за развој на човечкиот потенцијал којшто го имаме во нашата држава.