Царовска: Нема ширење на вирусот во училиштата, затоа не е потребен предвремен распуст

324 прегледи

На крајот од оваа календарска година, ќе заврши и првото полугодие за тековната учебна година, додека второто ќе стартува на 21. јануари. Да се започне распустот порано не е потребно, затоа што во училишните простории нема ширење на вирусот, посочи денес министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Министерката посочи дека не ги слушнала аргументите од опозицијата, зошто би бил овој предлог оправдан, и уште еднаш потенцира дека бројот на заразени ученици и наставници во наставата со физичко просуство во целата држава е помал од 1 процент.

„Во моментов активни ученици со физичко присуство се 79, што е 0,06 проценти од вкупниот број ученици, и 148 наставници до вчера, што е помалку од 1 процент од вкупниот број наставници во нашата држава. Ова се факти кои зборуваат дека интерно ширење на вирусот во училиштата нема, дека образовниот систем е стабилен и училиштата ги почитуваат мерките и здравствените протоколи. Токму затоа продолжуваме да го спроведуваме Планот од Владата за учебната 2020/2021, според кој второто полугодие ќе почне на 21 јануари, а на крајот на годинава ќе заврши првото полугодие“, посочи Царовска на прес-конференција посветена на буџетот за образованието за 2021.

Натпартиски се образовниот сисем и процес, се работи за сите деца – и нивните и нашите, истакна Царовска. Таа вели дека е секогаш спремна за дискусија со опозицијата и со сите што имаат различен став, доколку тие се базираат на аргументи и факти значајни за да се донесе поинаква одлука, но дека такви аргументи и факти не добила од опозицијата.

Слични содржини