На промовирањето на проектот за поставување на заштитни паравани во основните училишта во Општина Чаир, Министерката за образование и наука, Мила Царовска ја искористи приликата да информира дека од Буџетот на С.Македонија се издвоени 54 милиони денари за учебната 2021/2022 година за образовни асистенти за децата со попреченост.
„Во септември беше направено обезбедување на асистенти преку општинско корисна работа. Педесет и четири милиони денари од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година се обезбедени за училишната 2021/2022 година. Тие почнуваат со работа од септември. Стандардите и проколите за нивна работа и обука се донесени од Бирото за образование, тие се во имплементација и започнуваат следната училишна година со образовни асистенти кои што директно ќе бидат платени од буџетот. За разлика од моменталната ситуација во кое преку општинско корисна работа и општините имаат ангажирано и лични и образовни асистенти. Сега се донесоа стандардите за работа на образовните асистенти , стартуваат во септември“, посочи министерката Царовска.
Инаку, за личните асистенти, додаде, смета дека МТСП ќе поднесе законска измена во Собранието и ако не е и поминато, каде што личната асистенција се спушта од 6 години, со тоа се укажува дека личните асистенти се издвојуваат од образовните асистенти или оние асистенти во настава кои што почнуваат од училишната 2021/2022 година.