Царовска оддржа состанок со децата и родителите: Нивното мислење е клучно во новата концепција во овој процес

165 прегледи

Попладнево беше оддржана онлајн консултативна средба помеѓу министерката за образование и наука, Мила Царовска, од една и родители и ученици на другата страна. На овој состанок во суштина се разговараше за новата концепција за основно образование која треба да стартува следната учебна година.

Царовска потенцира дека мислењето на родителите и на учениците е клучно во создавањето на новата концепција и затоа покрај наставниците и тие се вклучени во целиот овој процес.

Како основна цел, соопштуваат од МОН, е поставена сликата, сите заеднички да создадеме образование кое е во најдобар интерес на децата и кое му овозможува на секој ученик да го достигне својот полн потенцијал.

„Промените ги започнуваме од основното образование затоа што тоа е базата на образованието. Со реформите е предвидено учениците да поминуваат повеќе време во училиште, но не само за настава, туку и за други активности, курсеви и слично како што се дополнителен спорт, дополнителни часови по кодирање, дополнителен странски јазик и слично…Сето тоа треба да биде дел од училиштето и со тоа да дадеме еднаква шанса на сите деца. Новата концепција ќе значи повеќе време во училиште, помалку предмети, односно спојување на повеќе предмети во еден, повеќе интеракција помеѓу наставниците и учениците и помеѓу самите ученици“, посочи Царовска.

Министерката вели дека искуствата за новата концепција се црпат од десетина европски земји меѓу кои Словенија, Естонија и Финска.

„Клучни за промените се и резултатите од меѓународните тестирања кои даваат јасна слика и во која насока треба да го движиме нашето образование. Сепак со новата концепција создаваме наш национален македонски образовен систем, бидејќи образованието е нешто што треба да биде национален интерес и национална гордост“, истакнуваат од ресорното министерство.

Слични содржини