За утре е закажана дебатата во рамки на Комисијата за образование, наука и спорт, во која министерката за образование и наука, Мила Царовска очекува плодна дебата, која на крајот ќе ја дефинира новата концепција за основно образование.
„Нема да биде лесно за никого, но ниту едно реформа не е лесна. Затоа е важно да чекориме постепено и да фатиме чекор со светот поскоро“, истакна министерката Царовска во интервју за „МИА“.
За интеграцијата и стравувањата од евентуално исчезнување на предметите, но и на работните места, Царовска е децидна дека такво нешто нема да се случи, напоменувајќи дека интеграцијата постои и сега од прво до петто одделение. Додава дека од шесто таа интеграција сега само треба да продолжи.
Исто така, Царовска посочува дека кај нас ништо не менуваме, и потоа не чуди зошто меѓународните тестирања не носат постојано надолу. Имено, како што вели, не се нашите деца помалку паметно од другите деца, туку системот не ги учи проблемите да ги разгледуваат од повеќе аспекти, вели Царовска.
За тоа кога може да се очекува конечната верзија, Царовска вели дека по завршувањето на јавната расправа во Собранието јавноста ќе биде известена, ќе има навестувања што е прифатливо, па оттаму ќе се сослушаат и говорниците за некои нови предлози кои можеби ќе ги вметнат во концепцијата.
Што се однесува до наставниците и нивната автономија во однос на материјалот и учебникот предвиден за учениците, Царовска вели:
„Наставниците следат учебник и тоа е многу погрешно. Не го следиме учебникот. Треба да ја следиме наставната програма и да ги постигнеме излезните резултати од учење за да кажеме дека нештото сме го направиле успешно. Инаку, ако наставникот ја прочита лекцијата и ученикот ја повтори лекцијата веројатно не сме постигнале ниту еден од резултатите потребни од учење. Сега наставникот нема да се фокусира на учебникот. Учебникот е средство што дава основа, но тоа не е единствен извор на знаење. Напротив, наставникот ќе треба да го насочи ученикот да истражува од различни извори, дури и самостојно, и притоа да процени дали тоа што го научил е така или не, затоа што како ќе ги научиме критички да размислуваат што е вистина што е невистина. Денеска се сите изложени на многу невистина“.