Царовска: „Учи паметно, работи стручно“ обезбедува доверба и дијалог на учениците и компаниите

337 прегледи

Преку дијалогот под мотото „Учи паметно, работи стручно“, ќе се поттикне довербата помеѓу училиштата и компаниите, со цел воспоставување на заеднички систем на образование и подготовка на идните кадри кои треба да влезат на ново работно место во компаниите, посочи министерката за образование и наука, Мила Царовска по средбата со претставниците на стопанството и локалната самоуправа во Битола.

Царовска смета дека преку овие средби ќе се обезбедат потребни информации за профилите од средните училишта, од каде треба да им се овозможи на учениците идно вработување во компаниите.

„Дискутираме за потребните профили кои треба да се отворат во средните училишта во Општина Битола во учебната 2021/22 година. Со овој дијалог воден низ мотото „Учи паметно, работи стручно“ сакаме да поттикнеме доверба и дијалог меѓу училиштата и компаниите, и реалниот сектор, затоа што на овој начин тие воспоставуваат заеднички систем на образование и подготовка на идните кадри што треба да бидат вработени во компаниите“, посочи Царовска.

Во таа насока, таа вели и дека преку дискусијата ги поттикнуваат и помалите компании да вклучат по неколку ученици и со помош на Стопанската комора да оспособат ментори со што ќе се вклучат во дуални паралелки.

„На овој начин овозможуваме квалитетно образование и подготвуваме кадар лесно вработлив во реалната економија“, додаде Царовска.

Слични содржини