Мила Царовска, министерката за образование и наука денес зема учество на конференцијата за намалување на родовите стереотипи во образованието, во организација на Институтот за човекови права, на која посочи дека со новата концепција за основно образование која е во завршна фаза, освен што ќе учат за толеранција, мултикултурализам и прифаќање на различните од себе, учениците уште од основно образование ќе стекнуваат знаења за родова еднаквост.
Инаку, познато е дека стереотипите и дискриминаторските содржини во учебниците негативно влијаат на развојот на младите луѓе и создаваат општество коешто ќе биде дискриминаторско.
„Тргнавме од тоа дека системски треба да се надмине ова прашање. Вистинска реализација на програмите за намалување на стереотипите е преку суштинска промена на наставните материјали. Веќе подготвуваме целосно нов систем, а во подготовката на наставните материјали ќе се вклучат не само високообразовните институции и наставниот кадар, туку и граѓанските организации. Во предметите што ќе се изучуваат ќе бидат вклучени и граѓанските вредности што нашето општество очекуваме да ги има“, истакна министерката Царовска.
Царовска исто така посочи и дека е важно зајакнувањето на психолошко-педагошката служба, која треба да им биде партнер на учениците во соочувањето со стереотипите.
„Заедно со наставниците, психолошко-педагошката служба има важно место во создавањето квалитетно образование. Треба да биде служба којашто со знаење и со капацитет може да ги надминува предизвиците со кои се соочуваат учениците. Современите психолошко-педагошки служби треба да бидат поддршка и партнери во надминување на сите предизвици во современото живеење на младите генерации, но исто така треба да ги припремаат учениците за она што значи соочување со овие стереотипи и како заеднички да ги менуваат оние пракси што досега биле создавани“, посочи Царовска.