Цените на маслиновото масло би можеле да се зголемат за 25 отсто во следните три до четири месеци поради топлотниот бран што влијае на производството во Шпанија, предупредува водечкиот шпански извозник Acesur. Директорот за извоз на компанијата, Мигел Колменеро, смета дека цените би можеле да пораснат за 20 до 25 отсто, пишува Би-Би-Си.
Шпанија произведува речиси половина од светското маслиново масло. Но, таа земја, како и другите региони на Западна Европа каде се произведува маслиново масло, вклучувајќи ги Италија и Португалија, во последните недели е погодена од екстремно високи температури и суша.
Acesur е вклучен во производството на повеќе од 200.000 тони маслиново масло годишно, од приближно 1,4 милиони тони произведени годишно во Шпанија, и ги продава своите производи во повеќе од 100 земји. Поголемиот дел од маслинките во своите производи ги одгледува во Андалузија на југот на Шпанија, која имаше многу малку врнежи во последните недели.
Колменеро вели дека влијанието на топлотниот бран врз производството е „драстично“.
Минатата година Шпанија произведе околу 1,4 милиони тони маслиново масло, но Колменеро предупредува дека за оваа сезона се предвидува само еден милион тони, а сувото време може да влијае и на жетвата следната сезона доколку маслинките не никнат нови гранки.
Ова ќе има влијание врз глобалните цени. Во јули, референтната цена на Mintec за екстра девственото маслиново масло се искачи на највисокото ниво досега оваа година, со раст од 7,3 отсто месечно и 14,2 отсто на годишно ниво. Колменеро тврди дека ова на крајот ќе дојде до потрошувачите, иако со задоцнување од три до четири месеци, бидејќи многу компании веќе имаат потпишано 12-месечни договори со трговците на мало.
Според компанијата за истражување на мало Assosia, просечната цена на маслиновото масло од сопствен бренд во четирите најголеми британски синџири супермаркети се зголеми за 50,2 отсто во споредба со август минатата година. Од јуни до јули просечните цени се зголемени за 28,5 отсто.
Ако продолжи сувото време, цените би можеле дополнително да се зголемат, според пазарниот аналитичар на Mintec, Роксан Никоро. Сепак, тој додаде дека ако договорот за извоз на жито од Украина ги зголеми испораките на сончогледово масло од таа земја, тоа „може да донесе одредено олеснување“. Украина е најголемиот светски извозник на сончогледово масло.
Нарушувањето на испораките на сончогледово масло од Украина придонесе за зголемување на цените бидејќи луѓето се свртеа кон маслиновото масло како алтернатива, зголемувајќи ја побарувачката.