Цените на големо во ЕУ со раст од над 30% годишно

од Vladimir Zorba
166 прегледи

Цените на големо во Европската унија во јануари 2022 година се зголемени за 4,9 отсто, а оние во еврозоната за 5,2 отсто во однос на претходниот месец, покажуваат податоците на Евростат.

На годишна основа, цените на големо се зголемија за 30,3% во ЕУ и 30,6% во еврозоната, соодветно.

Најсериозен во јануари, во однос на декември, е растот на цените во енергетскиот сектор – 11,6 отсто во еврозоната и 10,7 отсто во цела ЕУ, по што следат интермедијарните производи (по 2,7 отсто), трајните производи за широка потрошувачка (2,2 и 2,1 отсто, соодветно) и нетрајни производи за широка потрошувачка (1,6 и 1,5 отсто).

Најголем раст на големопродажните цени на месечна основа во ЕУ е забележан во Романија (12 отсто), потоа во Белгија (10,2 отсто) и Словачка (8,7 отсто). Цените паднаа во Ирска (-11,4 отсто), Шведска (-0,7 отсто), Луксембург (-0,3 отсто) и Финска (-0,2 отсто).

Во однос на јануари 2021 година, цените се зголемени за 85,6 и 82,6 отсто во енергетскиот сектор во еврозоната и ЕУ, соодветно, по што следат интермедијарни производи (20,2 и 20,6 отсто), трајни производи за широка потрошувачка (6,7 и 7 отсто) и нетрајни стоки за широка потрошувачка (6 и 6,5 проценти).

Растот на цените во индустријата, без енергетиката, во просек е 12 отсто.

Најсериозен раст на годишна основа е забележан во Ирска (60,5%), Романија (57,3%) и Данска (54,0%).

Слични содржини