Цените на нафтата на светските берзи значително паднаа минатата недела, бидејќи трговците се загрижени поради зголемените ризици од рецесија во голем број економии, што може да предизвика слабеење на побарувачката за „црното злато“.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 6,4 отсто на 91,63 долари, додека во Њујорк цената на барелот се намали за 7,6 отсто на 85,6 долари.
Откако една недела претходно скокнаа повеќе од десет отсто, цените на нафтата значително паднаа, бидејќи трговците беа загрижени од прогнозите за можна глобална рецесија, што би значело послаба побарувачка за нафта.
Во своите есенски прогнози, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди дека една третина од светската економија веројатно ќе забележи пад оваа или следната година, поради падот на реалниот доход и растот на цените.
ММФ проценува дека светската економија годинава ќе порасне за 3,2 отсто, додека следната година растот би можел да забави до 2,7 отсто.
Во Соединетите Американски Држави (САД), Кина и еврозоната активностите речиси ќе стагнираат, проценува ММФ.
Поради можна рецесија, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ги намали прогнозите за раст на побарувачката на нафта оваа и следната година, по намалените проценки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК).