Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, со декрет затвори три локални ТВ-канали „112 Украина“ и неговите регионални студии, како и „Вести еден“ и ЗИК. Санкции беа воведени и за сопственикот на тие ТВ канали, украинскиот пратеник Тарас Козак, во траење од пет години, а целиот негов имот беше блокиран. Зеленски тврди дека каналите се затворени затоа што се финансираат од државата – агресорот Русија.
Интересно е што претседателот на Врховната рада (парламент), Дмитриј Разумков, беше единствениот против санкциите во Советот за национална безбедност на Украина. Разумков рече дека има информации дека сопствениците на тие ТВ-канали соработуваат со властите во непризнатите републики во Доњецк и Луганск, како и со Русија. Затоа, Обвинителството на Украина треба да се изјасни за тоа.
Револтирана од затворањето на трите канали, опозицијата иницираше импичмент на претседателот Зеленски. Украинската партија „Опозициска платформа – за живот“ предложи смена на Зеленски, но тоа е скоро нереално бидејќи тој има предност во парламентот. Копретседателот на партијата „Опозициска платформа“, Вадим Рабиновиќ, рече дека претседателот Зеленски ги исмева гласачите на изборите.
Кремљ во средата го осуди блокирањето на трите ТВ-канали во соседна Украина. Портпаролот Дмитриј Песков рече дека прекинувањето на ТВ-каналот претставува кршење на правото на слобода на говор. Во канцеларијата на претседателот Зеленски, тие објаснија дека одлуката за блокирање на каналот е донесена затоа што е оценето дека тие станале „инструмент на пропаганда што работи во интерес на агресорската држава“.
Медиумскиот холдинг „Новости“, кој ги вклучува споменатите ТВ-канали, вели дека ќе се борат да имаат право да продолжат да работат и да емитуваат информации. Во „Новости“ тие тврдат дека властите сакаат да ги остават да работат само оние канали што објавуваат информации што им одговараат и каде се величаат „никогаш невидените успеси“ постигнати од Владимир Зеленски и неговата влада.