ЦГК: Во кризната 2020 година општините потрошиле 129 милиони евра на тендери

од Берта Китинска
332 прегледи

Општините и Градот Скопје минатата година склучиле 3.454 договори за јавни набавки во вкупна вредност од околу осум милијарди денари, односно 129 милиони евра, скоро исто колку и претходната 2019 година, покажува Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2020 година, на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Пораст на вредноста на набавките има кај Градот Скопје и 20 општини, додека намалување е евидентирано кај 61 општина.

– Најголем вредносен скок во однос на претходната година има кај Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, Општина Гостивар од 5 милиони евра и Аеродром од 2,7 милиони евра. Најголеми падови во вредноста на набавките има кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра, се вели во анализата на ЦГК.

Лидерската позиција и натаму ја држи Град Скопје со вкупна вредност на тендерите од 31 милион евра – што е една четвртина од вредноста на набавките на сите општини заедно.

– Половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки ги потрошиле Градот Скопје и седум други општини, а само Град Скопје и 10-те скопски општини заедно трошат дури 45 отсто од сите пари за јавни набавки на општините. По жител, и годинава апсолутен лидер е Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која троши само 7 евра по жител. Просечно, по жител, се трошат по 56 евра, покажува анализата на ЦГК.

Кај фирмите, според ЦГК, најголема вредност на договорите за јавни набавки имаат: градежната компанија Гранит АД Скопје, енергетската Енерџи Деливери Солушнс ЕДС од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар. На првите десет фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки отпаѓа една четвртина од вкупната вредност на набавките.

Базата на податоци е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а и дава графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Таа содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител.

Оваа база на податоци се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Слични содржини