На итна седница на Централната изборна комисија на БиХ е донесена одлука за пребројување на гласачките ливчиња за претседател на Република Српска поради, како што наведуваат, „неправилности и математички нелогичности“, соопшти денеска ЦИК по седницата.
Претседателот на ЦИК, Суад Арнаутовиќ, изјави дека утрово ЦИК одржа колегиум на кој комисијата ги разгледа забелешките и приговорите за текот на изборниот процес во Република Српска за претседател и потпретседател на Република Српска, пренесе РТРС.
„Имавме материјални докази и видео материјали каде несомнено тој процес беше контаминиран и не е можно да се дадат изборните резултати. ЦИК одлучи да издаде наредба: ЦИК по службена должност му наредува на главниот пребројувачки центар да ги отвори вреќите и да ги преброи гласачките ливчиња повторно и гласачките ливчиња во округот Брчко за претседател на Српска“, рече Арнаутовиќ.
За оваа одлука гласаа шест членови на ЦИК, а против беше само Владо Рогиќ.