Наместо пријател, на северната граница, Грција ќе имаше свој непријател, ако Владата предводена од Сириза, своевремено отстапеше пред притисоците на Мицотакис и ако немаше сериозност, одговорност, решителност и храброст.
Со таквото однесување, како што вели лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, би можело да има опасна ескалација, ако С.Македонија станеше сојузник на Турција и Реџеп Таип Ердоган.
За време на расправата во грчкиот Парламент за законот за проширување на територијалните води во Јонското Море, Ципрас, говорејќи за надворешната политика на земјата, се осврна и на Договорот од Преспа и упати критики до грчкиот премиер Мицотакис за позицијата што тој и неговата партија ја имаа кога беа опозиција и сега како Влада, јави дописничката на МИА од Атина.
– „Предавничкиот“ Договор од Преспа, господине Мицотакис, сега стана толку корисен за интересите за земјата што барате од Северна Македонија негово почитување и тоа добронамерно, како што неодамна рековте во вашата изјава, рече поранешниот грчки премиер.
Ципрас го потсети Мицотакис „со каква леснотија аплаудираа“ за време на расправата за ратификација на Договорот од Преспа пред две години, на изјавата на тогашниот пратеник од Нова демократија, а сега министер за внатрешни работи Макис Воридис, кога „ја нарекуваше Владата на СИРИЗА – Влада на национално предавство“.
Паралелно ги спомена и трите меморандуми со Северна Македонија, кои иако се доставени во Парламентот уште од средината на септември, сè уште не се ставени на дневен ред за ратификација. А меѓудругото, тој спомена и за неодамнешните инциденти во Вашингтон, споредувајќи ги со протестот кој беше организиран против Договорот од Преспа.