Црна Гора ќе учествува како набљудувач на самитот на иницијативата „Отворен Балкан“ што почнува денеска во Охрид, бидејќи дел од владата и јавноста се противат на таа иницијатива што пред три години ја покренаа Србија, Албанија и Северна Македонија.
На собирот во Охрид ќе присуствува и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, кој начелно ја поддржува и смета дека „може да се искористи како средство за побрза интеграција во Европската унија (ЕУ)“.
Неговиот колега во Владата, министерот за економски развој и туризам Горан Ѓуровиќ, смета дека иницијативата „може да биде корисна за стопанството и бизнисот“, но посочува дека Владата не е запознаена со деталите од таа иницијатива.
Дел од владата и јавноста во Црна Гора се спротивставуваат на „Отворениот Балкан“ и оценуваат дека евентуалното влегување во таа рамка за Црна Гора би значело чекор назад во интегративните процеси, имајќи предвид дека таа најдалеку напредувала кон членството во ЕУ.
Затоа, иницијативата на Србија, Албанија и Северна Македонија се доживува како алтернатива за оние земји од Западен Балкан кои не можат да станат членки на ЕУ во наредниот период.
Абазовиќ присуствува на самитот во Охрид како набљудувач и нема мандат да презема никакви обврски во име на државата, соопштија претходно владините членови на Социјалдемократската партија (СДП).
Министерот за одбрана и водач на СДП, Рашко Коњевиќ, предупреди дека преземањето на какви било обврски „би значело дестабилизација на владата“ и дека „вклучувањето во какви било регионални иницијативи мора да биде плод на дијалогот“.
Министерот за економија Горан Ѓуровиќ најави дека Владата ќе донесе одлука за евентуално приклучување на Црна Гора во иницијативата исклучиво во однос на тоа дали таа го стимулира процесот на интеграција на земјата во ЕУ.
Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е поддржана од Србија, Албанија и Северна Македонија, чии претставници започнаа проект за заемно промовирање на слободното движење на стоки, услуги и луѓе.