Унгарскиот премиер Виктор Орбан важи за лидер кој постојано се спротивставува на Европската унија. Орбан е „црната овца“ на ЕУ, онаа која секогаш се разликува од другите лидери на земјите-членки. Тој исто така избегнува да ги почитува одлуките на Унијата и „продолжува да ја турка својата политика“, а тоа досега помина без казнени поени. Лидерите на ЕУ честопати го осудуваат неговото однесување во своите пораки, а истото се слуша и од институциите на ЕУ, но сето тоа заврши тука.
Односите меѓу Виктор Орбан и ЕУ скоро секогаш биле затегнати, но унгарскиот премиер секогаш се залагал и успеал во тоа. Тој често ги критикува институциите на ЕУ и се чини дека прави што сака и смета дека треба, без оглед на ставовите што доаѓаат од Брисел. Имаше многу случаи на конфликт меѓу ЕУ и Орбан, а ова се само некои од нив.
ЛГБТИ закон
Лидерите на ЕУ и 17 земји, меѓу кои Ангела Меркел, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, го осудија новиот закон во Унгарија, кој „штити малолетници од хомосексуална пропаганда“.
Виктор Орбан тврди дека всушност неговата земја не донела закон против ЛГБТИ популацијата. Како што вели, тоа е закон за децата и нивните родители. Тој им порача на сите прво да го прочитаат законот, а потоа да го критикуваат.
Сепак, неколку факти не одат во прилог на Орбан. За време на неговото владеење, законите се менуваа неколку пати, секој пат на штета на ЛГБТК заедницата.
Покрај притисокот „од горе“, премиерот на Унгарија сега се соочува и со масовни протести.
Фон дер Лајен го нарече законот „срамота“, а Меркел рече дека „законот е погрешен“.
Се верува дека причината за последната расправија меѓу Орбан и ЕУ е всушност на парламентарните избори во Унгарија, кои ќе се одржат во 2022 година. Овие избори ќе бидат голем тест за Орбан.
Неговата партија Фидес ја напушти ЕПП
Дванаесет членови на унгарската партија Фидес ја напуштија парламентарната група на Европската народна партија (ЕПП) во Европскиот парламент на почетокот на оваа година.
„Со ова ве известувам дека пратениците на Фидес ќе го прекинат своето членство во клубот ЕПП“, рече унгарскиот премиер и претседател на Фидес, Виктор Орбан. За тоа во писмо го извести шефот на парламентарната група на ЕПП, германскиот политичар Манфред Вебер (ЦСУ).
Копретседателката на Фидес, Каталин Новак исто така го објави писмото на својот профил на Твитер.
Десничарската партија Фидес, која има двотретинско мнозинство во домашниот парламент скоро континуирано од 2010 година, ја напушти ЕПП затоа што беше прифатен амандман на деловникот, што овозможува да се исклучат цели партии од таа група, не само одделни заменици.
Вакцини
Унгарската влада остро ја критикуваше брзината на вакцинирање во ЕУ и одлучи да купи вакцини од Русија и Кина, и покрај истражувањата што покажаа дека довербата на Унгарците кон тие вакцини е мала.
Унгарија стана првата членка на ЕУ чии граѓани исто така примаат кинеска вакцина за коронавирус, а официјалните лица се обидоа од самиот почеток да ги убедат граѓаните за нејзината безбедност и ефикасност.
Во еден момент, лекарите низ Унгарија добија упатства да започнат да ја даваат вакцината од кинеската државна компанија „Синофарм“, како и вакцината „Спутник“. Оваа постапка не беше добро примена во Брисел.
Орбан отиде чекор подалеку и беше вакциниран со Синофарм.
Драма околу буџетот на ЕУ
Во ноември минатата година, унгарскиот премиер Виктор Орбан и се закани на Европската унија дека ќе ги блокира буџетот и пакетот помош за закрепнување од последиците на коронавирусот, поради обидите на Брисел да ја убеди Унгарија да го почитува владеењето на правото.
Во писмото до претседателот на Европската комисија Шарл Мишел, Орбан рече дека договорот меѓу трите главни институции на ЕУ не е во согласност со критериумите утврдени од Будимпешта.
Институциите на ЕУ, меѓународните организации и групите за човекови права ги обвинија владите на Унгарија и Полска за поткопување на демократските стандарди и владеењето на правото.
Орбан претходно се судри со Европската комисија, обвинувајќи ги за навреда и понижување на Унгарија повикувајќи на почитување на владеењето на правото во оваа земја, што ЕК го негираше.
Однесување кон мигрантите
Европската унија на крајот на јануари годинава ја повика Унгарија да го смени својот пристап кон политиката на азил и да започне да ги почитува правата на мигрантите, откако агенцијата за контрола на границите на ЕУ, Фронтекс, ги прекина своите активности во таа земја.
По видео конференцијата на министрите за внатрешни работи на 27-те земји-членки на Унијата, еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, изјави дека „правото да поднесе барање за азил е основно човеково право“.
Унгарската влада зазема цврст став за мигрантите, а премиерот Виктор Орбан го постави ова прашање во центарот на политиката од 2015 година, силно одбивајќи да дејствува во согласност со политиките на ЕУ насочени кон распределување на товарот за прифаќање на мигрантите и бегалците порамномерно меѓу членови.
Орбан честопати изјавува дека Брисел се обидува да ја принуди Унгарија да прифати голем број мигранти и се претставува како бранител на европската цивилизација и христијанската култура поради антиимигрантската политика.
Во јуни годинава, Орбан го повтори својот став дека миграциите се злобни и дека тие се одвиваат организирано, и дека Унгарија плаќа висока цена затоа што, како што рече, плива против доминантната европска политичка струја, пренесува Индекс.хр .
Тој рече дека миграциите се зло и дека Унгарија е убедена дека тие не се случуваат спонтано, туку на организиран начин.
Унгарскиот закон од 2017 година
Кон средината на февруари, Европската унија ѝ даде рок на два месеци на Унгарија да го смени контроверзниот закон, според кој граѓанските организации треба да откриваат странски донатори, или во спротивно ќе се соочат со финансиска казна, објави Ројтерс.
Минатата година Европскиот суд на правдата процени дека унгарскиот закон од 2017 година „воведува дискриминација и нефер ограничувања“, кршејќи ги основните права, вклучително и правата за заштита на личните податоци и слободата на организациите.
„Граѓанските организации се неопходен дел од нашата демократија. Ние мора да ги поддржуваме, а не да се бориме против нив“, рече Вера Јорова, заменик-шеф на Европската комисија.
Европската комисија испрати писмо до премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, во кое се наведува дека му дава рок од два месеци да ја спроведе одлуката на Европскиот суд на правдата.
„Одземени унгарски територии“
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој во средината на минатата година ја одбележа стогодишнина од Версајскиот мировен договор со презентирање на споменик кој е исполнет со „ампутирани“ делови на Голема Унгарија. Тие се состојат од делови од Србија, Хрватска, Словенија, Словачка, Австрија, Романија, Украина…
Вкупно 12.500 градови, села и општини кои им припаѓале на Унгарија и Австро-Унгарија до 1920 година, се испишани со букви од не’рѓосувачки челик на споменик изграден односно закопан во земја, недалеку од главниот влез на парламентот во Будимпешта. Владата на Орбан му исплати 16 милиони евра, а во центарот на гранитниот комплекс, Споменикот на националното единство, гори вечен пламен, пренесе „Јутарњи лист“.
„Историјата не познава ниедна нација што преживеала ваква загуба на крв“, стоеше во пораката на Орбан до народот, кого го повика на повторно обединување околу неговата фигура, пишува „Слободна Далмација“.
Орбан со години гради сопствен ревизионистички мит за „наметнатиот“ мир во Тријанон, тврдејќи дека Унгарец е само оној кој го боли стогодишниот мир од Версај.
Мапите на Голема Унгарија со делови од други земји се достапни насекаде, од бензински пумпи до новински весници.
Европски десничарски совет
Популистичките лидери од Унгарија, Полска и Италија се состанаа на почетокот на април годинава во Будимпешта во обид да изградат нов десен блок во Европската унија како „европска ренесанса“, пренесува Бета.
Нивниот сојуз на националисти би можел да биде значителна сила во Европскиот парламент, доколку успеат да ги надминат своите разлики, од кои најважен е односот со Русија, ги пренесе Радио Слободна Европа (РСЕ), пишувањата на светските медиуми.
Унгарскиот националистички премиер Виктор Орбан разговараше со неговиот полски колега Матеуш Моравиецки и италијанскиот популист Матео Салвини на 1 април, додека ги испитуваше можностите за нови политички сојузи откако неговата партија ја напушти десноцентристичката Европска народна партија, пренесе агенцијата „Франс прес“.