Цените на нафтата утринава во азиската трговија достигнаа највисоко ниво во последните седум години, поради ескалацијата на геополитичките тензии околу Украина, како и поради зголемената глобална побарувачка и недостатокот на понуда.
Европската нафта Брент поскапе за дополнителни 1,02 долари во однос на петокот, на 95,46 долари за барел, додека американската нафта ВТИ скокна за 1,27 долари на 94,37 долари за барел, пренесе Ројтерс.
За растот на цената на нафтата придонесе загриженоста дека евентуалната руска инвазија на Украина би предизвикала американски и европски санкции и би го нарушила извозот на овој голем производител на „црното злато“, што би ја загрозило и онака недоволната понуда на пазарот.
Кремљ негира дека планира напад врз поранешната советска република.