Црвенковска: Дигитално судство за брза и ефикасна правда и од кое ќе бидат задоволни граѓаните

од Vladimir Zorba
328 прегледи

Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска учевствува на Европскиот самит за дигитализација на судството кој се одржува во Охрид.

Процесот на дигитализација и трансформација на системот се неопходни за Судскиот совет за во иднина да обезбеди зајакнување на капацитетите на човечките ресури и да постави високи стандарди на ажурност и професионалност кај судиите и судовите, но и она што е важно за граѓаните- да обезбеди пристапност до правдата со крајна цел да се врати довербата во судството.

Црвенковска во својот настап истакна дека процесот на дигитализација може да се обезбеди и преку постоечките ресурси и преку континуирано зајакнување на дигиталната опрема, која мора да се обезбедува преку државниот буџет.

Со оглед дека Црвенковска е претседателска и на Судско-буџетскиот совет ја нагласи важноста на финансиите кои судството ги добива од државата и затоа потенцираше дека колку повеќе постои политички консензус околу дигитализацијата и колку повеќе државата инвестира толку процесот на информатичка технологија ќе биде поцелосен и поуспешен, односно ќе ги опфати сите судови и сите процеси низ судството.

Фокусот на Судскиот совет е да изгради силна и компетентна инфораматичка структура, која во оваа фаза на процесот се наметнува како нужна. Истовремено, преку дигитализацијата ќе се обезбедат информации и податоци, кои од судовите ќе се слеваат во Судскиот совет, каде што ќе се креираат статистики и политики за ажурноста и ефикасноста на судството.

Црвенковска ја истакна безусловната поддршка на Судскиот совет во процесот на дигитализација и ги охрабри инволвираните да продолжат со своите напори со цел да се постигне целта- дигитално судство кое ќе испорачува брза и ефикасна правда, судство од кое ќе бидат задоволни граѓаните.

Слични содржини