Надлежните тимови од Турција и Обединетите нации денеска ја продолжија инспекцијата на бродовите во рамките на договорот за транспорт на украински житарки од пристаништата на Црното Море, откако Русија викендов го прекина учеството во договорот, изјави за „Ројтерс“ портпаролот на ОН задолжен за иницијативата.
Во неделата ОН објавија дека постигнале договор со Украина и Турција за движење на 16 бродови кои се во турските води, како и дека денеска треба да се обезбедат инспекции за 40 бродови во заминување кои се закотвени во близина на Истанбул.
Русија објави дека го суспендира учеството во спроведувањето на договорот за жито, постигнат во јули годинава со Украина, со посредство на ОН и Турција, на неопределен период, бидејќи не може да ја гарантира безбедноста на цивилните бродови по нападот на руската црноморска флота во Севастопол.