Турција и Белорусија го суспендираа Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа

Овој документ беше еден од конкретните показатели за крајот на Студената војна бидејќи двата блока се согласија да ги почитуваат ограничувањата во однос на бројот на воена опрема во Европа.

од Бети Божиноска
268 прегледи

Турција од 8 април го суспендира своето учество во Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа. Указот на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган е објавен во турскиот службен весник „Ресми Газет“.

„Донесена е одлука за суспендирање на Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа од 8 април во согласност со Член 3 од Претседателскиот декрет бр.9“, се наведува во декретот.

Во согласност со споменатиот член, Ердоган има право да суспендира одредени меѓународни договори со декрет и за тоа не му е потребно одобрение од парламентот.

Процесот на суспендирање на споменатиот договор го започнува и Белорусија. Белорускиот претседател Александар Лукашенко го одобри доставувањето до Претставничкиот дом на Националното собрание нацрт-законот „За суспензија на Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа“, пренесува агенцијата „Белта“.

Предлог-законот предвидува суспензија на договорот, но тоа не значи дека Белорусија се повлекува од него ниту дека престанува да ги спроведува внатрешните процедури во своите вооружени сили кои се поврзани со неговата имплементација.

Според „Белта“, Белорусија целосно ги исполнува своите обврски од договорот, меѓу кои и строгото почитување на утврдениот максимален број во однос на расположливото оружје, воената опрема и припадниците на вооружените сили.

На крајот на март, истото го стори и Полска кога полскиот претседател Анджеј Дуда го потпиша законот за суспензија на договорот за конвенционални вооружени сили во Европа.

„Суспендирањето на овој акт ќе значи дека Република Полска, како и другите земји кои ќе одлучат да го сторат тоа, иако формално остануваат потписнички на овој договор, нема да бидат обврзани да ги спроведуваат неговите одредби“, беше посочено во соопштението од кабинетот на Дуда.

За потсетување, Русија на 7 ноември 2023 година конечно ја заврши процедурата за повлекување од Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа. Подоцна, и Велика Британија и нејзините сојузници го суспендираа своето учество во договорот, потег што беше поддржан од НАТО. Во 2007 година, Москва го суспендираше учеството во Договорот додека земјите од НАТО не го ратификуваат документот и не почнат да го исполнуваат.

Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа беше потпишан на 19 ноември 1990 година во Париз од страна на ополномоштените претставници на 16 земји-членки на НАТО и шест земји-членки на Варшавскиот пакт, а стапи на сила на 9 ноември 1992 година.

Овој документ беше еден од конкретните показатели за крајот на Студената војна бидејќи двата блока се согласија да ги почитуваат ограничувањата во однос на бројот на воена опрема (тенкови, борбени возила, авиони) и муниција стационирана во Европа.

На него не учествуваа неутралните и неврзаните учесници на Конференцијата за европска безбедност и соработка (КЕБС, од 1995 година – ОБСЕ), а самиот договор беше затворен. Со него не се предвидуваше пристапување на земји кои во тоа време не беа членки на НАТО и на Варшавскиот пакт.

 

Слични содржини