Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска, по средбата со ирачкиот премиер Мохамед ал-Судани во Багдад, дека Стратешкиот договор потпишан меѓу Турција и Ирак претставува „цврста карта на патот“.
„Верувам дека мојата посета и штотуку потпишаните договори ќе претставуваат нова пресвртница во односите меѓу Турција и Ирак“, рече Ердоган на прес-конференцијата по средбата со ирачкиот премиер.
Во главниот град на Ирак, по средбата меѓу Ердоган и Ал Судани, беше потпишан меморандум за разбирање во врска со соработката на Проектот за развој на патиштата меѓу Ирак, Турција, Катар и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пренесува Анадолија.
„Стратешкиот договор за заедничка соработка што го потпишавме со премиерот (Ал Судани) претставува силен патоказ“, рече Ердоган.
Осврнувајќи се на средбите со премиерот Судани и со претседателот на Ирак Абдул Латиф Рашид, Ердоган рече дека соработката во областа на безбедноста и борбата против тероризмот е една од најважните точки на дневниот ред.
Тој додаде дека Турција го поздравува прогласувањето на ПКК за забранета организација во Ирак.
„Разговаравме за можни заеднички чекори против терористичката организација ПКК и нејзините ограноци, чија цел е Турција од ирачка територија“, подвлече Ердоган.