Туристичко-угостителската комора и понатаму продолжува со протестите

од Andreja Salpe
310 прегледи

Протестите кој ги организира туристчко-угостителската комора и понатаму продолжуваат, а од денес се приклучуваат и сметководителите. Тие не се задоволни од помошта предвидена со петтиот и шестиот сет економски мерки и, воопшто, како е замислено да тече аплицирањето за државната помош. Остануваат на улица се додека барањата не им се исполнат во целост.

-И во минатите пакети, едно беше колку се дава, а друго начинот на кој се аплицира преку институциите како УЈП и условите што треба да се исполнат од аспект на документација, платени давачки,… Денеска е пратен допис до Владата за да ни се испрати точната методологија, односно како е замислено да тече начинот на апликација и кога е планирано тоа да се имплементира. Досега сме сведоци на континуирано задоцнето реализирање на меркитe, изјави Мартин Ангеловски од ТУК.

Она што го бараат сметководителите е неповратна финансиска помош за зачувување на дејноста како и нов закон за вршење сметководствени работи.

-Државните институции наметнуваат рокови до кои ригидно се држат ставајќи го прибирањето на статистичките податоци над дигнитетот и добросостојбата на фелата и граѓаните кои работат во оваа професија. Ограничените човечки ресурси и кратките рокови сред пандемија само дополнително ги акцентираат недостатоците на системот, па оставени сами на себе сметководителите вложуваат натчовечки напори и работат деноноќно да постигнат се во рок, по цена на сопственото здравје и живот. Со секое доцнење во носење на мерките и законите, со доцнење во имплементација на дополнителните обврски од страна на институциите, товарот за надоместување на времето да се аплицира во рок, повторно е на грбот на сметководителите – рече  Александра Андреева.

Први на списокот за помош во новиот пакет мерки се угостителите. Финансиска поддршка ќе има и за игротеките, фото студијата како и фитнес центрите и други затворени дејности.

Слични содржини