Туристите кои ќе го посетат Копенхаген, ќе бидат наградувани со бесплатна храна и активности доколку собираат отпадоци, патуваат со јавен превоз или се возат со велосипед низ градот, објави туристичкиот одбор на градот, пренесува Би-би-си.
Во пробната шема, која започнува на 15 јули, посетителите можат да бараат бесплатни оброци, кафиња, чаша вино и изнајмување кајак, во замена за нивната еколошки свесна работа.
Како што велат од туристичкиот одбор на Копенхаген, шемата „КопенПеј“ / „CopenPay“ е дизајнирана да го надомести „еколошкиот товар“ на туризмот во градот.
„Кога патувате во странство – ако летате на други места или патувате со автомобил – загадувате. Една од работите што можеме да ги промениме е да ги натераме луѓето да дејствуваат поодржливо на дестинацијата. Планот е само мал чекор кон зелената транзиција“, изјавила шефицата за комуникации на туристичкиот одбор Рике Холм Петерсен.