Турската полиција уапси 139 осомничени за антитерористички операции

Aкциите биле извршени во 15 провинции низ земјата со координација на Одделот за борба против тероризмот на Генералниот директорат за безбедност и Дирекцијата за разузнавање

од Бети Божиноска
244 прегледи

Во антитерористичката акција на турската полиција „Боздоган-12“ денеска се приведени 139 припадници на сепаратистичко-терористичка организација осомничени дека планирале терористички напад во пресрет на празникот Невруз, соопшти денеска турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, пренесува „Дејли сабах“.

Тој изјави дека акциите биле извршени во 15 провинции низ земјата со координација на Одделот за борба против тероризмот на Генералниот директорат за безбедност и Дирекцијата за разузнавање.

„Смултаните рации на провинциските полициски оддели во Ардахан, Киркларели, Батман, Ширнак, Измир, Бурса, Анталија, Денизли, Дијарбакир, Ерзурум, Истанбул, Адана, Муш, Шанлиурфа и Ван доведоа до апсење на 139 осомничени. Утврдено е дека тие биле вклучени во пропаганда на терористичка организација на социјалните мрежи, планирајќи напади врз безбедносните сили, јавни возила и згради за време на празникот Невруз“, рече Јерликаја.

Според него, во акцијата е запленето значително количество огнено оружје без дозвола и дигитален материјал.

Слични содржини