Турскиот парламент ги бојкотира производите на компаниите кои го поддржуваат Израел

од Stefanija Kuzmanovska
178 прегледи

Турскиот парламент повеќе нема да ги користи производите на компаниите кои ја поддржуваат агресијата на Израел, вклучувајќи ја, како што тврдат некои пратеници, „Кока Кола“.

„Во Големото национално собрание на Турција, нема да користиме никакви производи на компании кои ја поддржуваат израелската агресија“, рече претседателот на собранието Нуман Куртулмуш на состанокот во северната турска провинција Орду.

Како што додаде, парламентот „отсега нема да купува ништо и ќе го фрли претходно купеното“, јавува „Анадолија“.

Бриселското „Политико“ објави дека пратениците во понеделникот забележале дека производите на „Кока Кола“ и „Нестле“ повеќе не се на менито. Кога прашале зошто, им било кажано дека претседателот на парламентот одлучил да ги отстрани производите од брендовите кои го поддржуваат Израел.

Појасот Газа е под силно израелско бомбардирање откако палестинската група Хамас започна ненадејна офанзива против Израел на 7 октомври.

Оттогаш, најмалку 10.328 Палестинци се убиени, меѓу кои 4.237 деца и 2.719 жени. Според официјалните податоци, бројот на загинати во Израел е околу 1.600, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини