Турските власти уапсија 33 лица осомничени за шпионажа во име на Израел, а издадена е и потерница за вкупно 46 лица осомничени за меѓународна шпионска активност, јави турската државна новинска агенција Анадолија.
Полицијата спроведува голема операција во осум провинции, меѓу кои и Истанбул, а досега се уапсени 33 лица, осомничени за меѓународна шпионажа за израелската разузнавачка служба Мосад.
Акцијата се спроведува по истрага што ја води Одделот за истрага за тероризам и организиран криминал при Основното јавно обвинителство во Истанбул.
Истрагата открила информации дека целта на израелската разузнавачка служба Мосад биле активностите на извидување, набљудување, напади и киднапирање на странски државјани кои престојуваат во Турција од хуманитарни причини.
Распишана е потерница за вкупно 46 лица осомничени за меѓународна шпионска дејност.
Турската полиција изврши симултани претреси на 57 адреси во осум провинции, досега се приведени 33 осомничени, а потрагата по уште 13 осомничени продолжува, наведува Анадолија.