Европските парламентарци и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на сесијата заклучија дека Турција уназадува во однос на прашањето за човековите права.
Наведено е дека земјата се оддалечува од Европската унија поради тоа, а Вархеји во дискусијата за извештајот за напредокот на Турција изјави дека односите меѓу ЕУ и официјална Анкара „минатата година ја достигнаа најниската точка“.
„Надворешната политика на Турција се повеќе е во судир со ЕУ“, забележа комесарот на Европската комисија.
Сепак, Вархелџи спомена и дека „во последните месеци“ Анкара ја „деескалира“ ситуацијата во сферата на надворешната политика. Како пример, тој изјави дека земјата ги повлекла истражувачките бродови од источниот Медитеран, кој е богат со минерали и кој е предмет на спорот на Анкара со Атина и Никозија, пренесе Хина.
„Деескалацијата во надворешната политика не беше придружена со внатрешни реформи“, продолжи Вархеји, објаснувајќи како се влошила ситуацијата во однос на владеењето на правото и основните човекови права.
Во тој контекст, тој ги спомена и нападите на властите врз политичките партии и независните медиуми и неприменувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
„Турција треба подобро да дефинира какви односи сака со ЕУ и да се однесува соодветно“, рече Вархеји.
Известувачот на Европскиот парламент за Турција, Начо Санчез Амор истакна дека Европската унија има „тешки односи со Турција“.
„Автократскиот пристап на Турција покажува дека режимот не е подготвен да прифати критика“, рече Амор.
Португалскиот министер за надворешни работи Августо Сантос Силва исто така истакна дека „ситуацијата во Турција се влошува кога станува збор за владеењето на правото и основните права“.
Сепак, тој додаде дека Европската унија не смее да и ги затвора вратите на Турција и дека постојат заеднички предизвици меѓу ЕУ и Турција, како што се миграција, тероризам, јавно здравство …