Бројот на жртвите од поплавите и лизгањето на земјиштето во северна Турција денеска се искачи на најмалку 38, соопштија официјалните лица, додека екипите за итна помош ги пребаруваа остатоците од урнатите згради, закопаните куќи и поплавените подруми во потрага по преживеани и жртви.
Турскиот опозициски политичар Хасан Балтачи рече дека повеќе од 300 лица се водат како исчезнати.
Невремето што во средата ги погоди крајбрежните провинции на Црното Море, Бартин, Кастамону, Синоп и Самсун, предизвика поплави што уништија куќи и мостови и носеа автомобили.
Повеќе од 1.700 луѓе беа евакуирани низ целиот регион, некои беа извлечени од покривите со хеликоптери, а многумина беа привремено сместени во студентски домови.
Министерот за здравство Фахретин Коча објави на Твитер дека 32 лица загинале во Кастамону и шест во Синоп.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера изјави дека во операцијата за пребарување и спасување биле вклучени најмалку 4.500 луѓе, 19 хеликоптери и 24 бродови.
Турскиот регион на Црното Море честопати е погоден од обилни дождови и поплави.