Твитер најави укинување на профили поврзани со теории на заговор

од Stefanija Kuzmanovska
159 прегледи

Твитер објави дека трајно ќе укинува сметки на таа социјална мрежа кои се поврзани со екстремни теории на заговор, како што е групата „QAnon“, која прави обвинувања за заговор во американската влада и јавноста.

„QAnon“ е мрежа на теоретичари на заговор кои го поддржуваат американскиот претседател Доналд Трамп, пишува Би-Би-Си. Твитер во најавата истакна дека се надева дека акцијата ќе помогне во спречување на „штета надвор од мрежата“, пишува РСЕ.

Мерките вклучуваат забрана за пристап до сметки поврзани со анонимната група „Q“, позната како „QAnon“ и ќе го блокираат споделувањето на таквите содржини.

Новата политика ќе опфати околу 150.000 профили ширум светот.

Твитер објави дека досега укинал повеќе од седум илјади сметки како резултат на манипулации, злоупотреби на жртви и други прекршувања на правилата на однесување на таа социјална мрежа.

Теоретичарите на заговор како QAnon тврдат дека истакнати личности од различни делови на општеството, од разузнавачката заедница и од политиката до деловниот свет до индустријата за забава, се вклучени во „тајната војна“ против Трамп, пренесува Асошиејтед прес (АП).

„QAnon“ тврди, меѓу другото, и дека членовите на Демократската партија биле вклучени во меѓународни криминални организации и дека нивната содржина е широко распространета на социјалните мрежи, како што се Фејсбук, ТикТок, Твитер и ЈуТјуб.

Фејсбук веќе ја укина мрежата на лажни профили поврзани со сметката „QAnon“, преку која се пренесуваше нивната содржина.

Минатата година ФБИ издаде предупредување за „домашните екстремисти водени од теориите на заговор“ и го идентификуваше „QAnon“ како потенцијална домашна екстремистичка закана, пишува Би-Би-Си.

Слични содржини