ТВОЈА: Дали Владата се водела од политички или од економски причини при одлуката за Александропули?

од Берта Китинска

„Процесот за проектите Гасна централа и Терминал на течен гас Александропули се одвива нетранспарентно и еуфорично. Владата треба да покаже пред јавноста дали при носење на одлуката се водела од политички или од економски причини“, се вели во соопштението на ТВОЈА партија.

Тие велат дека искуството покажува дека македонските власти се неефикасни кога станува збор за трошење на јавните средства.

„Имено, досега владата не презентира економска студија за оправданоста од инвестирање во проектите и нивната профитабилност. Сомневањата произлегуваат од следниве факти:

– Гасната централа не е когенеративна односно ќе произведува само електрична но не и топлинска енергија (како што е ТЕ-ТО во Македонија) што значително ја намалува ефикасноста на искористувањето на инсталираните капацитети, а со тоа влијае на профитабилноста односно повратот на вложениот капитал (100 милиони евра за 25% учество).

– Терминалот за течниот природен гас (ТПГ) во кој вложуваме 40 милиони евра за 10% учество, поради начинот и технологијата за пренос, овој гас е поскап од гасот во цевковод околу 20%.

Само врз основа на овие две компоненти се смета дека во старт ќе имаме поскап производ до потрошувачите што повторно нѐ враќа кај прашањето за успешноста на инвестициите. Во сите овие енергетски проекти забележливо е и влијанието на САД како најголем производител на ТПГ.

На ова се надоврзува и ставот дека во време на криза многу подобро е парите да се инвестираат дома, за енергетски проекти кои ќе отворат и работни места. Како пример ја посочуваме ТЕЦ Неготино која не работи, а со инвестиција може да се приспособи за производство со гас.

Недопустливо е Владата од една страна да најавува дека ќе ја продаде или даде преку јавно-приватно партнерство ТЕЦ Неготино, а од друга страна да инвестира во странски капацитети со што се доведува во непримерна дволична позиција. Со тоа покажува дека е подготвена да ги распродава домашните капацитети поради немање капацитет за ефикасно управување или поради потенцијално коруптивни намери во врвовите на власта“, додаваат од ТВОЈА.

Слични содржини