„Твоја Партија“ остро ги осудува изјавите од првиот вицепремиер Артан Груби и на министерот за економија Крешник Бектеши за субвенционирање на приватни компании кои ќе вработуваат Албанци или граѓани од други етнички заедници, како и изјавата на Билал Касами за воведување на двојазичност во приватните компании што претставуваат директен атак врз Уставот на Р.С. Македонија.
– Ниедна влада не смее да има програма која се коси со уставните начела на државата. Овие владини решенија се дискриминирачки врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација, Европската конвенција за основните човекови права и слободи и граѓанинот и Уставот на РС Македонија“, се вели во соопштението на „Твоја Партија“.
Издвојувањето по етничката припадност како единствен услов за добивање субвенции за вработување во приватниот сектор, велат од таму, не може да се смета за афирмативна акција.
– Работната способност и капацитет не може да се утвдуваат според националност. Ваквиот начин на субвенционирање на вработувања претставува дискриминација и спротивно е на членот 55 од Уставот на РС Македонија според кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото“, нагласуваат од „Твоја Партија“.
Во дописот до медиумите се додава дека „на овој начин дополнително се поттикнува нетрпеливост и раздор врз основа на етничка припадност, граѓаните се присилуваат да се идентификуваат по етничка линија, се легализира клиентелизмот и партизацијата на државата, се оневозможува индивидуалното остварување и практикување на правата и слободите и се брише било која шанса за развој на државата како граѓанска и демократска“.
Од „Твоја Партија“, покрај реакција за изјавите на министрите Груби и Бектеши и барањето на лидерот на Беса, Касами, изразуваат дилеми низ неколку прашања што јавно ги поставуваат.
– Дали целта е креирање на етнички проблеми? – Дали целта е омаловажување и понижување на сите етникуми, вклучително и Албанците во Р.С.Македонија? – Дали ова се почетоци на кантонизација или федерализација на државата преку рушење на Уставот? – Или едноставно е ширење лажни вести и дезинформирање на јавноста“, прашуваат од „Твоја Партија“.
„Твоја Партија“ бара од СДСМ, како водечки дел во Владата, да не се изјаснува само декларативно дека е против вакви предлози, туку да заземе јасен став. Без разрешување на именуваните функционери кои ги објавуваат овие ставови и без раскинување на коалицијата со БЕСА, дали тоа СДСМ се согласува со нив?, прашуваат од „Твоја Партија“.