Твоја Партија го поздравува новиот Годишен извештај на Европската Комисија за Република Северна Македонија, објавен на 7 октомври, 2020 година. Извештајот е мотивирачки и изразува поддршка на процесите во земјата, за конечно отпочнување на пристапните преговори.
„Во повеќе области Извештајот изразува позитивен став и за работи што не се довршени или се блокирани, а со цел да ја стимулираат власта да се консолидира и да ги доврши проектите.
Тоа пред сè се однесува на трансформација во безбедносниот сектор каде што дел од процесите доцнат и сè уште не се довршени; контролните механизми не се транспарентно утврдени, немаат доволна независност и се нефункционални; Законот за јавно обвинителство што првично беше поздравен од ЕУ, наспроти експертските забелешки, содржи одредби кои тешко ќе се применуваат во пракса. Поддршка заслужуваат процесите со кои се отпочнати активностите за јакнење на институциите кои го спроведуваат законот, особено во создавање контролни механизми. Натамошните залагања на власта за значајни инвестирања во човечките ресурси и средствата во институциите кои имаат контролна улога врз основа на стручност и професионалност ќе ја имаат поддршка на Твоја.
Сепак, Извештајот открива дека Владата најчесто формално-технички ги прави активностите на коиштои е укажано во претходните извештаи, без целосна одржливост на реформите и без целосна посветеност на исполнување на стратегиските цели.
Владата во изминатите години не направи ефикасна подготвеност и интегрирање на ограничените експертски капацитети за брзо и ефикасно спроведување на политиките за отпочнување на преговорите. Владата и другите државни органи не изградија доволно капацитет за ефикасно искористување на ЕУ фондовите кои и беа достапни на нашата земја, а со тоа испуштија можност да ги подобрат состојбите во областа на човековите права, владеењето на правото и квалитетот на услугите кои се очекуваат од државата.
Прво мора да се искоренува корупцијата која е сеприсутна во однесувањето на секој поединец од власта, на секое ниво. Кодексот за добро постапување за кој зборува власта мора да се препознае во нејзиното однесување, а тоа да го забележат граѓаните. Тоа подразбира големо скратување на дискрецијата во носењето одлуки и привилегиите кои власта сама си ги доделила. Можеби, симболично за почеток, премиерот во назначувањето на свои советници да почитува транспарентна процедура, и ќе ги бира своите советници за евроинтеграција со соодветна експертиза а не лица со уметнички или музички вештини.
Твоја Партија бара владата и парламентот, постапувајќи по Извештајот приоритетно да ги обезбедат сите услови за сеопфатно, ефективно постоење на надворешните контролни механизми, на кои се обврзала државата. За нивните наоди да се обезбеди максимална транспарентност.
Твоја Партија и препорачува на Владата, како висок приоритет да инвестира во добро подготвени технички и ИТ решенија со кои ќе се обезбеди вмрежување на надлежните институции, обука на персонал и ефикасно и точно користење на податоците и информациите, соопштија од партијата.