Заминувањето на власта на Никола Груевски е неизбежно. Груевски и неговите соработници не можат да се спасат од Вистината за Македонија и од одговорноста за обелоденетите злодела што и ги правеле на државата, соопшти СДСМ попладневно како реакција на пораките од власта на Груевски
Правото на граѓаните да го дадат својот глас на фер и демократски избори е неприкосновено и СДСМ тие услови ќе ги овозможи во Република Македонија.
Очајот на Никола Груевски се виде во лицата на принудно донесените граѓани на коишто се читаше досада и пораката или си присутен или утре не си на работа. Се виде и преку неговиот говор со исти тези и исти реченици, со коишто неуспешно се обиде да го покрие неговото предавство.
Груевски 9 години ги предавал интересите на граѓаните на Република Македонија за лично богатење во илјадници метри квадратни, за остварување исклучиво на сопствените интереси: пари и моќ.
Ниту оваа вистина, ниту што било друго од обелоденетите докази, тој денеска не го демантираше.
За да претстави дека текот на процесите во државата од него зависи и за да си ја спаси сопствената кожа, испрати порака дека е подготвен и на продлабочување на политичката криза.
Твојот збор повеќе нема вредност Никола Груевски. Готово е.
На ова регираат од ВМРО ДПМНЕ:
Граѓаните одлучуваат кој ќе ја носи одговорноста да раководи со Република Македонија, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешното соопштение на СДСМ.
-Огромниот број на македонски граѓани кои дојдоа денес во СРЦ „Борис Трајковски“ испратија јасна порака. Денес и на најголемите поддржувачи на СДСМ им е јасно дека нивното раководство ја носи партијата во пропаст, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ ќе биде запаметена како партија која што е спремна и на штета на сопствената држава да шурува со странски центри, да манипулира и да лаже.

