БРИТАНСКИОТ милијардер Џо Луис, мнозински акционер на лондонскиот фудбалски клуб Тотенхем, беше уапсен во средата, непосредно пред неговото појавување пред американското правосудство поради инсајдерска трговија, објави обвинителот.
Луис, 86-годишен бизнисмен од Бахамите, е обвинет за „оркестрирање на дрска шема“ за инсајдерско тргување, изјави во вторникот американскиот обвинител за јужниот округ на Њујорк, Демијан Вилијамс, објавувајќи го своето обвинение.
Помеѓу 2013 и 2021 година, Џо Луис наводно „го злоупотребил својот пристап до одборите“ на различни компании за да им обезбеди на своите „романтични врски, лични асистенти, приватни пилоти и пријатели информации кои не се достапни на пошироката јавност“. Тие луѓе во тој период на база на тие податоци „заработиле милиони долари во берза“.
Во обвинението на 29 страници се наведени 19 обвиненија против бизнисменот, меѓу кои и неколку за „измама на берзата“. За најтешкото обвинение му се заканува затворска казна до 25 години.
Според обвинителот, милијардерот би ги дал информациите како начин да ги награди своите вработени или да им подари подароци на пријатели или освојувања, опишувајќи ја шемата како „класична корпоративна корупција“ и „мамење“.
Другите двајца обвинети, Патрик О’Конор и Брајан Во, се двајца пилоти кои бизнисменот ги ангажирал за своите приватни авиони, соопшти обвинителството.
Џо Луис се смета за еден од најбогатите луѓе во Обединетото Кралство, со проценето богатство од повеќе од 6 милијарди долари според Форбс. Милијардерот е сопственик на бахамската компанија Tavistock Group, чија подружница ENIC стана акционер на Тотенхем во 2001 година.