Уапсен е сериски убиец, осомничен за убиство на шест лица во американската сојузна држава Калифорнија.
Шефот на полицијата во Стоктон, Стенли Мекфејден, објави дека 43-годишниот Весли Браунли бил уапсен „додека барал нова жртва“.
„Нашиот тим за надзор го следеше осомничениот и го следеше неговото однесување.Веруваме дека бил во лов, во нова убиствена мисија. Уверени сме дека со неговото апсење спречивме уште едно убиство“, рече Мекфејден.
Началникот на полицијата истакна дека при апсењето, осомничениот носел црна облека, имал маска околу вратот и носел огнено оружје.
Се верува дека Браунли убил шест мажи на возраст меѓу 21 и 54 години кои биле застрелани ноќе без некаква провокација во Стоктон помеѓу 8 јули и 27 септември.
Полицијата соопшти дека Браунли, кој е во притвор, ќе се појави пред суд во вторник обвинет за убиство.