Платформата за транспорт, Uber е казнет со 290 милиони евра во Холандија поради испраќање на личните податоци на европските таксисти во САД, што е спротивно на законите на ЕУ, објави холандската агенција за заштита на податоци ДПА.
„Uber ги пренесе личните податоци на европските таксисти во САД и не успеа соодветно да ги заштити податоците“, тврди ДПА. „Ова е сериозно прекршување на GDPR“, се вели во соопштението.
Агенцијата наведе дека Uber оттогаш ја прекинал оваа пракса.
Францускиот национален регулатор за заштита на податоци, CNIL во посебна изјава рече дека соработувал со својот партнер во Холандија, каде што се наоѓа главниот европски центар на Uber.
„Оваа погрешна одлука и вонредна казна се целосно неоправдани. Процесот на прекуграничен пренос на податоци на Uber беше усогласен со Општата регулатива за заштита на податоците на ЕУ (GDPR) во текот на тригодишниот период на голема неизвесност меѓу ЕУ и САД. Ќе поднесеме жалба и останете уверени дека здравиот разум ќе надвладее“, рече портпаролот на Uber.