Ученици од Ново Село наставата ја следат во чајџилница откако им изгоре училиштето

од desk2
109 прегледи

Чајџилница наместо училница. Ученици од Ново Село, Општина Боговиње наставата ја следат во овие простории. Поголемиот дел од просториите од нивното училиште „11 Октомври“ се уништени во пожарот кој настана пред два дена, јави ТВ 21.

Освен чајџилницата, дел од 207 ученици од ова основно училиште, наставата ја следат во општинската зграда, но и локалната џамија. И на наставниците не им е лесно. Велат дека во вакви услови, не можат да работат нормално.

Родителите, пак, не се задоволни. Велат се грижат за безбедноста на нивните ученици, бидејќи овие објекти не се наменети за следење на настава.

Од СВР Тетово велат дека истрагата за пожарот е во тек и дека работат на расчистување на случајот. Од друга страна, директорот на училиштето Азиз Јакупи се сомнева дека причина за пожарот е дотраен електричен кабел.

МОН го чека извештајот на Комисијата за проценка на штетата.

Инаку, освен училиштето, во пожарот изгоре уште една барака и еден автомобил кој бил паркиран во непосредна близина. Учиштето е реновирано во 2011 година со средства од Светска Банка./ТВ21