Европската Унија планира да воведе фиксна такса за милијарди мали пакети што пристигнуваат главно од Кина, задавајќи им нов удар на онлајн трговците на мало како „Тему“ и „Шејн“, објави „Фајненшл тајмс“.
Европската комисија објави нацрт-предлог за надоместоците за ракување или складирање, по притисокот од земјите-членки на ЕУ, бидејќи нивните царински служби се преоптоварени од 4,6 милијарди артикли увезени директно во домаќинствата на граѓаните секоја година. Во предлогот не е наведена висината на надоместокот, но бизнис-весникот наведува, повикувајќи се на извори запознаени со ставот на Комисијата, дека тој би можел да изнесува околу две евра.
Европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ во вторникот изјави дека предложил таканаречена такса за обработка, односно за ракување и складирање на пакетот. За директна продажба би се наплаќала такса од две евра, додека артиклите испратени во магацини би се оданочиле со 0,50 евра.
Дел од генерираните приходи би ги покриле трошоците за дополнителни царински контроли, додека преостанатите пари би биле насочени кон буџетот на ЕУ.
Шефчовиќ вети дека ќе се справи со зголемувањето на бројот на пакети што пристигнуваат во ЕУ, што, според него, довело до зголемување на опасните и несоодветните стоки и поплаки од трговците од ЕУ за нелојална конкуренција, објави „Фајненшл тајмс“.