Уделот на европскиот пазар на Tesla повторно падна, по новиот бран протести против извршниот директор на компанијата, Илон Маск, покажуваат податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Уделот на компанијата на пазарот на автомобили во Европската унија, Обединетото Кралство и трговската зона ЕФТА (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија) падна на два отсто во март, од 2,9 отсто во март минатата година.
Годинава уделот на Tesla на тие пазари падна на 1,6 отсто од 2,5 отсто во периодот јануари-март минатата година.
Споредено со првиот квартал од 2024 година, продажбата паднала за 37 отсто во првиот квартал од оваа година, од 86.027 на 54.020 продадени модели, во време кога вкупната продажба на електрични автомобили во Европа се зголемила за речиси 24 отсто.
Претходно оваа недела, Tesla објави пад на профитот во првиот квартал од тековната година.
Во последните недели во САД и низ Европа се одржуваат протести против Маск и Tesla, што доведе до негативни реакции кај потенцијалните купувачи во Европа и некои сопственици на автомобилите на компанијата, пишува The Guardian.
Како што пишува британскиот весник, покрај протестите против Маск, падот на профитот бил предизвикан и од застарената линија на модели и зголемената конкуренција од конкурентските производители како што е кинескиот BYD.