Уделот на Русија во трговијата со ЕУ падна под два отсто

од Stefanija Kuzmanovska
251 прегледи

Трговијата на ЕУ со Русија е силно погодена од увозните и извозните ограничувања наметнати од Брисел по руската инвазија на Украина. И извозот и увозот значително се намалија под нивото пред инвазијата. Уделот на Русија во увозот надвор од ЕУ падна од 9,6 отсто во февруари 2022 година на 1,7 отсто во јуни 2023 година, додека уделот на извозот надвор од ЕУ се намали од 3,8 отсто на 1,4 отсто во истиот период, соопшти „Евростат“.

Во март 2022 година, еден месец по инвазијата, ЕУ доживеа најголем трговски дефицит со Русија предизвикан од високите цени на енергетските производи. Дефицитот изнесуваше 18,5 милијарди евра. Овој дефицит беше намален на 0,4 милијарди евра до јуни 2023 година, останувајќи под една милијарда четири месеци по ред во 2023 година (0,1 во март, 0,8 во април и 0,4 во мај).

Промената беше под силно влијание на падот на месечната вредност на увозот од Русија од 18,6 милијарди евра помеѓу март 2022 година (21,9 милијарди евра) и јуни 2023 година (3,3 милијарди евра). Во исто време, вредноста на извозот се намали од 3,4 милијарди евра во март 2022 година на 2,9 милијарди евра во јуни 2023 година.

Значителен пад на трговскиот дефицит на ЕУ со Русија се бележи и во енергетиката. Во вториот квартал од 2023 година, ЕУ во трговијата со Русија забележа дефицит од 1,6 милијарди евра, што е зналително намалување од дефицитот од 45,0 милијарди евра во вториот квартал од 2022 година. Ова значително намалување на дефицитот во голема мера може да се припише на падот на увозот на енергија од Русија.

Трговскиот дефицит во енергетиката е намален од 40,4 милијарди евра во вториот квартал на 2022 година на 5,7 милијарди евра во вториот квартал од 2023 година.

Во текот на изминатите две години, потпирањето на ЕУ на увозот на енергија од Русија бележи забележителен пад. Уделите на фосилните горива како јаглен, природен гас и нафта увезени од Русија значително се намалија. Во споредба со вториот квартал од 2021 година, во вториот квартал од 2023 година уделот на нафтата падна за 27 процентни поени (п.п.) (од 29,2 отсто во 2021 година на 2,3 отсто во 2023 година), на природниот гас за 26 п.п. (од 38,5 отсто на 12,9 отсто) и на јагленот 45 п.п. (од 45,0 отсто до 0 отсто).

Слични содржини