УЈП: Нема плати и даноци од илјадници компании за јули

По истекот на законскиот рок за плаќање на месечните аконтации за данок на добивка и исплатата на јулските плати со придонеси, Управата за јавни приходи утврди значителен број на неплатени обврски

од Vladimir Zorba
28 прегледи

По истекот на законскиот рок за плаќање на месечните аконтации за данок на добивка и исплатата на јулските плати со придонеси, Управата за јавни приходи утврди значителен број на неплатени обврски.

Од 2.129 даночни обврзници не е извршено плаќањето на месечната аконтација за данок на добивка за јули 2025 година, а кај 11.555 обврзници не е евидентирана исплата на бруто плати и социјални придонеси за истиот месец. Дел од неплатените аконтации може да бидат подмирени преку пребивање со даночни побарувања, но тоа не ги исклучува законските обврски и потребата тие да се сервисираат во рок.

Управата за јавни приходи во текот на вчерашниот ден достави персонализирани известувања до сите обврзници со неплатени обврски и апелира веднаш да го извршат плаќањето.

Овие средства се дел од јавните приходи кои припаѓаат на граѓаните и обезбедуваат редовно финансирање на буџетските потреби, здравството, образованието и социјалната сигурност.