Управниот суд во Берлин ја укина забраната за истакнување руски знамиња и симболи на 8 и 9 мај, кога се одбележува крајот на Втората светска војна, јави денеска станицата „РББ24“, повикувајќи се на полицијата.
Берлинската полиција претходно соопшти дека втора година по ред забранува истакнување на знамиња и симболи на Русија, Украина и Советскиот Сојуз на советските споменици на 8 и 9 мај за да се избегнат судири. Забраната не се однесува на дипломатите и воените ветерани, пренесува „Н1“.
Претходно истиот ден, адвокатот Патрик Хајнеман на „Твитер“ напиша дека судот во Берлин ја укина забраната за истакнување украински знамиња во близина на споменици во Берлин.
Извештаите велат дека забраната за руски знамиња и симболи е исто така укината, вклучително и на настанот закажан за 9 мај на улицата „17 Јуни“ во германската престолнина, пренесе „Спутник“.