Украина ѝ нанесе на Русија еден од најтешките удари во модерната историја.

Станува збор за најсериозно нарушување во снабдувањето со нафта во современата историја на Русија, вториот најголем светски извозник на нафта

од Кристијан Димков
19 прегледи Фото: Њузвик

Најмалку 40 отсто од руските капацитети за извоз на нафта се целосно запрени поради украинските напади со беспилотни летала, спорниот напад врз клучен нафтовод и заплената на танкери, покажуваат пресметките на „Ројтерс“ засновани на пазарни податоци. Станува збор за најсериозно нарушување во снабдувањето со нафта во современата историја на Русија, вториот најголем светски извозник на нафта.

Овој удар ја погоди Москва во момент кога цената на нафтата надмина 100 долари по барел поради војната со Иран. Приходите од нафта претставуваат еден од главните извори за полнење на рускиот буџет и клучен столб на економијата вредна 2,6 милијарди долари. Украина претходно овој месец изврши интензивни напади со дронови врз инфраструктурата за извоз на нафта и нафтени деривати, при што беа погодени сите три главни руски западни пристаништа – Новоросијск на Црното Море, како и Приморск и Уст-Луга на Балтикот.

Според проценките на „Ројтерс“, околу 40 отсто од руските капацитети за извоз на сурова нафта, односно околу два милиона барели дневно, биле блокирани во средата по последниот напад. Тоа ги вклучува пристаништата Приморск и Уст-Луга, но и нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина до Унгарија и Словачка. Киев ги гаѓал и пумпните станици и рафинериите, со цел да ги намали руските приходи од нафта и гас, кои сочинуваат околу една четвртина од државниот буџет, и на тој начин да ја ослаби воената моќ на Москва. Русија овие напади ги нарекува терористички и ги засили безбедносните мерки низ целата земја.

Украина тврди дека дел од нафтоводот „Дружба“ бил оштетен во руски напади кон крајот на јануари, по што Словачка и Унгарија веднаш побарале од Киев обновување на испораките.

Нафтениот терминал во Новоросијск, со капацитет до 700.000 барели дневно, по силниот напад со дронови на почетокот на месецот работи со намален капацитет. Честите заплени на танкери поврзани со Русија во Европа дополнително го нарушија извозот на околу 300.000 барели дневно арктичка нафта од Мурманск, наведуваат трговците. Поради ударите врз западните извозни правци, Москва сè повеќе се насочува кон азиските пазари, иако и тие капацитети се ограничени.

Русија и понатаму непречено ги продолжува испораките на нафта преку нафтоводи кон Кина, по правците Сковородино-Мохе и Атасу-Алашанкоу, како и извозот на мешавината „ESPO Blend“ по море преку пристаништето Козмино. Овие три правци заедно изнесуваат околу 1,9 милиони барели дневно. Исто така, продолжуваат испораките од нафтените проекти на Сахалин од околу 250.000 барели дневно, како и снабдувањето на рафинериите во соседна Белорусија со околу 300.000 барели нафта дневно.