Украина во понеделникот соопшти дека го вратила осмото село во нејзината контраофанзива на окупираниот југ, но дека руските сили се обидуваат повторно да ја преземат иницијативата на исток со засилување на нападите.
На видео споделено на социјалните мрежи, може да се видат украински војници како креваат жолти и сини национални знамиња, тврдејќи дека се во Пјатихатки, населба на пат кон една од најдобро утврдените руски позиции на југ. „Денеска, 18 јуни, силите на 128-та ударна бригада ги избркаа Русите од селото Пјатихатки. Русите побегнаа оставајќи ја опремата и муницијата зад себе. Слава на Украина!“, изјавил неименуваниот војник.
Yesterday, the Armed Forces of Ukraine liberated Piatykhatky, a village in Zaporizhzhia Oblast. 🇺🇦 pic.twitter.com/CV7hu675N9
— UkraineWorld (@ukraine_world) June 19, 2023
Ројтерс потврди дека видеото е снимено во Пјатихаки, но не може да го потврди датумот на снимањето. Официјален претставник на Русија во делумно окупираниот регион Запорожје во неделата изјави дека силите на Киев повторно го зазеле Пјатихатки, но дека биле потиснати и дека населбата сега е во „сива“ зона на контрола.
Заменик-министерката за одбрана Хана Малиар рече дека не само што украинските сили го зазеле Пјатихатки, туку тие напреднале седум километри во руските линии за две недели. „Во периодот од две недели офанзивни операции во правец на Берџанск и Мелитопол, беа ослободени осум населени места“, напиша Малиар на Телеграм.
Но, подоцна таа рече дека ситуацијата на источниот фронт е „тешка“. „Непријателот ги повлече силите и активно напаѓа во правец на Лиман и Купјанск, обидувајќи се да ни ја одземе иницијативата. Забележана е голема активност на непријателски ракетни напади. Тешките борби продолжуваат“.
Малиар рече дека Русија концентрирала голем број единици на исток, вклучително и припадници на Воздухопловните сили, но дека украинските сили го спречуваат нивниот напредок. Ројтерс не беше во можност самостојно да ги потврди тврдењата од бојното поле.