Украина и Велика Британија денеска потпишаа договор за соработка во одбранбениот сектор и производството на оружје, соопштија властите во Киев.
Договорот, кој е дел од напорите за изградба на украинската индустрија за оружје во соработка со сојузниците, беше потпишан на конференција за воена индустрија во Киев на која присуствуваа околу 30 британски одбранбени компании, пишува Гардијан.
Министерот за стратешка индустрија на Украина, Олександар Камишин, рече дека ова е прв меѓувладин договор за соработка.
„Денес британските компании соработуваат со украинските компании и бараат можности да произведат повеќе оружје заедно“, рече тој.
Британскиот министер за трговска политика, Грег Хендс, рече дека се надева оти договорот ќе и донесе придобивки на Украина на бојното поле и ќе има корист за нејзината погодена економија на долг рок.
Официјалните лица, исто така, рекоа дека се надеваат на повеќе проекти оваа година во секторот за производство на дронови. Многу од компаниите кои присуствуваа на конференцијата беа производители на дронови.
Украина има за цел оваа година да произведе околу еден милион беспилотни летала со фронтални камери кои обезбедуваат одличен преглед на летот (FPV – Front Point View). Исто така го зголемува производството на беспилотни летала со подолг дострел, за извршување напади длабоко на територијата на Русија.