Украина и Чеченија: Нештата се повторуваат!

од desk3
137 прегледи

Меѓу конфликтите во Украина и во Чеченија има неколку сосема конкретни сличности: исти се методите, исти се и актерите. И тогаш, и сега станува збор за луѓе од редовите на советската армија, тврди руски експерт.

0,,17627371_303,00
Александар Черкасов од организацијата “Меморијал” веќе 25 години ги изучува конфликтите на територијата на поранешниот Советски Сојуз. Тој бил во Нагорно Карабах во Трансдњестар, во Чеченија, во Грузија, а сега и во источна Украина. Черкасов тврди дека особено многу паралели кои постојат меѓу конфликтите во Чеченија и во Донбас:

“Киев го копира она што Москва вршеше во Чеченија пред 15-20 години. Сепаратистичките тенденции може и да се случат поинаку, но однесувањето на земјите е едно и исто. Во Северен Кавказ официјално немаше војна. Тогаш се тврдеше дека таму дивееја вооружени банди, кои треба да бидат разоружани во рамките на антитерористичка операција. Истото се случува и во Донбас. Зошто ли? Многу е едноставно. Државата сака да дејствува во рамките на полициската операција, бидејќи тогаш има повеќе права и помалку одговорности отколку за време на војна. ”

“Волонтери” имаше и во Чеченија

Черкасов потсетува дека за време на војна се валидни одредени правила кои ја ограничуваат државата – на пример при користењето на артилерија. Денес Киев не сака да ги почитува овие правила – исто и Русија не сакаше да ги почитува своевремено во Чеченија, вели заштитник на човековите права. Но, денес во источна Украина и руската влада ги повторува веќе познати потези. Во 1990-тите години Кремљ долго време се обидуваше да го сокрие фактот дека руски војници се борат во Чеченија. Григориј Јавлински од опозициската партија “Јаблоко” се сеќава:

“На 26 ноември 1994 година непознати лица без препознавачки знаци навлегоа во Грозни. Тогаш ги нарекуваа “доброволци” или “народно движење”. Всушност, сепак тоа беа маскирани руски офицери без документи. Бунтовниците ги фатија и поставија ултиматум: ако Русија признае дека ова се руски војници, заробениците ќе бидат ослободени; во спротивно ќе бидат стрелани како платеници. Рускиот министер за одбрана, министерот за внатрешни работи и шефот на разузнавањето се дистанцираа од десетиците заробени војници, и рекоа дека тие биле доброволци со необјаснето потекло “, раскажува Јавлински.

Во тоа време Јавлински е млад пратеник во Државната дума. Тој лично заминува за Грозни, за да преговара со бунтовниците. На крајот војниците се ослободени.

“Денес се случува нешто слично. Повторно умираат борци, за кои никој не знае на каков магичен начин се нашле на украинска територија. И за кои се тврди дека не се редовни војници. Работите се повторуваат. ”

Александар Черкасов наведува и други конкретни сличности. Тој објаснува дека во Донбас се борат голем број офицери кои биле на раководни позиции и за време на чеченските војна – на пример Игор Гиркин, познат како “Стрелоков”. И во двете војни се користат слични оружја – или барем такви се информациите досега. Русија тврди пример дека украинската армија го нападнала Донецк со балистички проектили од типот “Точка-У”.

“Познато е дека руската армија ги употребуваше токму овие ракети за напади врз цивилни цели во Чеченија. На пример на 21 октомври 1999 година, кога со такви ракети беше разрушен пазарниот плоштад на Грозни. Тогаш загинаа повеќе од 100 луѓе, а околу 300 беа повредени. ”

Факти и измислици

Минатата есен руската телевизија прикажа снимки на наводните масовни гробници во источна Украина. Се тврдеше дека таму биле закопани околу 400 цивилни жртви од Донбас. Лавров зборуваше тогаш за воено злосторство. “Но, вистината е дека фотографиите биле направени во Грозни во пролетта 1995 година. Кажано сосема јасно: сликите од Чеченија беа употребени како доказ за измислено воено злосторство извршено божем од украинската армија денес “, објаснува Черкасов.

Заштитникот на човековите права е убеден во едно: “Меѓу конфликтите во Чеченија и во Украина има јасен континуитет. Подеднакво е правното толкување, исти се протагонистите, еднаква е информациската политика, исти се методите. И тогаш, и сега учесниците се луѓе кои доаѓаат од редовите на советската армија “.