Украина ја нападна Русија со американски ракети со долг дострел, тврди Москва без потврда од Киев и САД

од Milan1
58 прегледи

Русија објави дека Украина истрелала ракети со долг дострел обезбедени од Соединетите Американски Држави, еден ден откако Вашингтон даде дозвола за такви напади, информација што ниту Киев ниту Вашингтон не ја потврдија.

На 19 ноември Украина употреби воен тактички ракетен систем АТАКМС (ATACMS) во напад на руската област Брјанск, соопшти Министерството за одбрана во Москва. Тврдењето не можеше ни независно да се потврди.

Украинската војска претходно потврди дека нападнала складиште за муниција во руската област Брјанск, но не прецизираше дали е користен АТАКМС. Се наведува дека нападот, на магацин на околу 100 километри од границата кај градот Карачев, предизвикал 12 секундарни експлозии.

Соборени се пет проектили, а еден е оштетен, чии фрагменти предизвикале пожар во воен објект во регионот, се вели во руското соопштение.

Нападот е првпат ракети со долг дострел да се користат на меѓународно призната руска територија, откако Вашингтон ѝ сигнализираше на Украина дека има дозвола да го стори тоа. Русија изјави дека „соодветно ќе реагира“.

Шефот на руската дипломатија рече дека „нападите на Украина со американски ракети врз областа Брјанск во таа земја се јасен сигнал дека Западот сака да го ескалира конфликтот“.

„Без Американците е невозможно да се користат овие високотехнолошки ракети, како што повеќепати кажа Путин“, рече Сергеј Лавров.

Лавров рече дека се надева оти новата нуклеарна доктрина на Москва, во која Владимир Путин го намали прагот за нуклеарен напад, ќе биде внимателно прочитана. Тој додаде дека одлуката на Германија до сега да не испорачува ракети со долг дострел на Украина е „одговорна позиција“.

Слични содржини