Украина ќе добие 3 милијарди од годишниот профит од замрзнат руски имот во ЕУ

Според предлогот на ЕК, 90 отсто од овие средства ќе бидат наменети за купување оружје за Украина, а остатокот за обнова и реконструкција на земјата.

од Бети Божиноска
244 прегледи

Европската комисија (ЕК) денеска предложи на Украина да ѝ се предаде годишниот профит од замрзнатите руски средства во земјите на Европската унија во износ од 2,5 до 3 милијарди евра, пренесува „Ројтерс“.

Според предлогот на Комисијата, 90 отсто од овие средства ќе бидат наменети за купување оружје за Украина, а остатокот за обнова и реконструкција на земјата. Точниот износ на профит од руските средства ќе зависи од глобалните каматни стапки.

Покрај овие профити, Украина од белгиската влада ќе добие и од собраниот данок од 25 отсто на профитот на рускиот имот. Вкупниот финансиски придонес за Украина од замрзнатите руски средства во ЕУ оваа година ќе изнесува меѓу четири и 4,5 милијарди евра.

Владите од ЕУ мора да го одобрат предлогот на ЕК за тој да стапи на сила, по што добивката ќе му се исплаќа на Киев двапати годишно, а првата транша е планирана зајули.

Извршниот потпретседател на ЕК, Валдис Домбровскис, рече дека ЕУ го координирала овој потег со земјите од Г-7, САД, Канада, Велика Британија и со Јапонија.

Предлогот на Европската унија, засега, не предвидува конфискација на руските имоти, туку само профитот што тие го остваруваат. Украина сака нејзините западни сојузници да одат чекор подалеку и целосно да ги запленат замрзнатите руски средства, наведува „Ројтерс“.

Европската комисија, во меѓувреме, ѝ ги исплати на Украина првите 4,5 милијарди евра поддршка во рамките на новиот фонд на ЕУ за Украина од предвидените 50 милијарди евра, пренесува „Гардијан“.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, наведе дека исплатата, во форма на краткорочно финансирање, е од клучно значење за да ѝ се помогне на Украина да го одржи функционирањето на државата во тешко време.

Таа додаде дека Украина го доставила својот план кој покажува како земјата може да му се врати на брзиот раст и да почне да ги надоместува загубите предизвикани од војната.

„Со тој план Украина постави цврста основа за поддршка на ЕУ до крајот на 2027 година“, истакна Фон дер Лајен.

На крајот на февруари, Европскиот парламент донесе одлука за создавање фонд за помош на Украина во вредност од 50 милијарди евра за периодот до 2027 година, како и да воспостават механизам за известување според кој ќе се склучуваат годишни договори и ќе се одобрува натамошно испраќање финансиска помош за Киев.

Слични содржини